Адаптација на дете

Тргнувањето во градинка е многу важен настан за Вашето дете, но и за Вас. Овој премин од еден во друг животен период е дел од нормалниот развоен пат на детето. Многу деца и родители , ова го доживуваат како предизвик исполнет со радост и возбуда, но и со страв, вознемиреност, дилеми…

Како ќе изгледа процесот на адаптација на детето на градинката, зависи од многу фактори – карактеристиките на детето, условите во градинката, квалитетот на врската родител-дете,како и претходната подготовка.

Подготовката треба да се направи систематски, со почитување на возрасните специфичности на детето. Таа не се однесува само на стекнување знаења и вештини, туку на општиот и целосен развој на личноста на детето. Освен интелектуалните и сознајни способности, за да може полесно да ги прифати новите услови, детето мора претходно да научи да усвојува и почитува норми и правила на однесување, да биде спремно за соработка и комуникација, да стекне способност за самоконтрола, одговорен однос кон задачи и обврски, да научи да се почитува себе си и другите.

Многу е важно, тргнувањето на детето во градинка да не се испланира во период кога во семејството се случуваат други промени – промена на место на живеење, раѓање на друго дете, развод на родителите и сл.

Исто така, во периодот на адаптација на градинка не треба да се воведуваат дополнителни промени во животот на детето – одвикнување од цуцла, шише, пелени. Овие промени подобро е да ги оставите за подоцна, кога детето ќе ја прифати градинката.

Како реагираат децата во периодот на адаптација?

Поаѓањето во градинка најчесто претставува прво одвојување на детето од родителите и влегување во нова непозната ситуација. Процесот на адаптација кај некои деца трае пократко, кај некoи подолго (од две недели до неколку месеци). За да го олесните овој процес, покажете дополнително разбирање, стрпливост, внимание и нежност во односот со детето и поминувајте што повеќе квалитетно исполнето време со детето .

Во периодот на адаптација детето може…

  • силно да протестира
  • неутешно да плаче
  • да одбива контакт со учителките и децата
  • да биде вознемирено и дома
  • да одбива храна
  • да има нарушен сон
  • да се врати на стари навики (цуцла, цицање прст, мокрење)

Ова се очекувани и нормални реакции на детето на новонастанатата ситуација. Нивниот интензитет и траење зависат од многу фактори, но, за среќа, во најголем број случаи се надминуваат брзо и без последици и адаптацијата е лесна или умерено тешка.

Лесна адаптација – ова е нормална реакција на промена на средината кај деца кои имаат оптимални воспитни услови, добра здравствена состојба и кои имаат воспоставено сигурна и стабилна емоционална врска со родителите. Сите реакции и промени во однесувањето поминуваат после 10-15 дена престој во градинката.

Умерено тешка адаптација – промените во однесувањето кај детето се поинтензивни и траат и еден до два месеци после тргнувањето. Детето тешко го прифаќа одвојувањето и го одбива доѓањето во градинка.

Тешка адаптација – кај детето се случуваат силни, упорни и долготрајни реакции и промени во однесувањето кои траат и по неколку месеци. Вака тешка адаптација обично се случува кај деца кај кои истовремено постојат повеќе неповолни фактори кои го отежнуваат и пролонгираат овој процес. Најчести причини за тешка адаптација се честите отсуства на детето поради нарушена здравствена состојба или нередовно доаѓање од други причини, неповолни семејни услови, несоодветен пристап на возрасните и сл. Во овие случаи, неопходно е проблемот тимски да го разгледаат воспитувачот, негователката, стручните работници и родителите и заеднички да најдат начин да се олесни овој процес и да му се помогне на детето.

Што го отежнува одвојувањето?

Возраста на детето – Спротивно на некои вообичаени ставови во средината, помалите деца (пред третата година) потешко ги прифаќаат промените. Колку и да изгледа дека имаат потреба од дружење, децата помали од три години всушност немаат голема потреба од тоа сигурноста на семејната средина да ја менуваат за нешто ново и непозното.

Претходни искуства во одвојување од родителите. Соодветно на возраста, обидете се детето да го навикнувате на краток престој без родителите ( на пример кај баба и дедо).

Спротивставените ставови и пораки го збунуваат детето и ја зголемуваат вознемиреноста. Позитивен став на семејството кон градинката; Пожелно е сите членови на семејството да бидат единствени во ставот дека детето треба да оди во градинка.

(Не)доверба во лицата кои се грижат за детето во градинката и соработка со нив; Позитивниот контакт на родителите со учителките и постојаната интеракција дете-родител-учителка ја зголемува довербата и сигурноста кај детето.

Како да му помогнете во првите денови?

Запознавање на просторот
Пожелно е родителот и детето заедно да го видат просторот во кој ќе престојува детето. Присуство на родителот во занималната е дозволено во случаи на тешка адаптација по договор со вработените во градинката.

Носете го лично Вие
Вака голема промена во животот, детето најлесно прифаќа кога ја чувствува сигурноста од присуството на родителот.

Првиот ден донесете го после појадокот (околу 9.30 часот)  Тоа е период во кој вработените имаат поголема можност да му посветат внимание на новото дете, а и за него е поприфатливо да не го оствари првиот контакт со новата средина во време на оброк. Детето треба прво да ја прифати градинката, а дури потоа ќе биде подготвено да ја прифати и храната.

Престојот нека биде краток ( од 30 минути до еден час за јаслена возраст и два часа за поголема возраст) Така детето добива можност постепено да ги запознава просторот, децата и учителките и да ја прифати целата ситуација. Ритамот и брзината на адаптација се различни за секое дете и треба индивидуално да се прилагодат.

Носете го редовно. Редовноста ја олеснува адаптацијата. Просечното време на адаптација е петнаесетина дена. Не плашете се ако ова трае нешто подолго. Некои деца се исклучително чувствителни на промена на условите и ритамот на живеење. Не треба да ве изненади ако после привидно брза и лесна адаптација, детето ,,одеднаш,, почне да покажува отпор кон градинката и стане плачливо, вознемирено, нерасположено или агресивно. Станува збор за ,,задоцнета,, реакција која обично се јавува по неколку дена кога времето на престој ќе се зголеми. Детето на почетокот смета дека доаѓањето во градинка е само моментално, краткотрајно и интересно искуство, се додека не сфати дека тоа ќе биде негово секојдневие во кое се случуваат и работи кои не му се допаѓаат. Сепак, кај повеќето деца периодот на адаптација минува брзо, безболно и без трајни последици.