Инклузивна градинка

Со имплементирање на инклузивниот процес сите деца можат да учат и имаат право на образование и воспитание во редовниот систем. Основите на инклузивниот процес се потребите на децата и развиеноста на нивните способности, кои претставуваат основни критериуми за избор на програмата за работа.

Бидејќи децата најдобро учат во природна средина со своите врсници, треба да им се обезбеди воспитание и образование во редовните предучилишни установи каде тоа и би го добиле. Нашата градинка нуди еднакви можности како и целосна флексибилност во задоволување на специфичните потреби на сите деца, се прилагодува начинот на работа така да се излегува во пресрет на потребите на секое дете, а кај оние со потешкотии во развојот и дополнителна помош. Се применуваат различни и ефективни стратегии за организирање на занималната во која се почитуваат разликите помеѓу децата, што подразбира правилна организација ов просторот, дидактичките материјали и средства, креативно уредување, како во внатрешниот простор така и во надворешниот.

Сепак ќе кажеме дека примарната цел на инклузијата не е помош на децата со потешкотии подобро да се интегрираат во градинката. Крајната цел е бенефиции за целата околина, сите деца и целиот воспитно-образовен систем. Со тоа градиме толеранција, но и почитување на индивидуалните разлики, почитување на достоинството на секој поединец и врз основа на тоа да се креираат меѓусебни интеракции и друштвени односи. Посебно е битно што кај малите дечиња се развива емпатијата, солидарноста, толерантноста и прифаќање и почитување на различностите. Раната интеракција меѓу децата кои имаат потешкотии во развојот и оние кои немаат, води кон процес на формирање на позитивни ставови и погледи.

Бенефиции за децата со потешкотии

  • Чувство на прифатеност, можност за стекнување пријателства и самопочитување
  • Поголема можност да учат низ интеракција во другите деца во група
  • Оспособување за вклучување, живеење и работење па и задоволство во животот
  • Поголема способност да се грижат за себе и самостојност, како и да работат понатака во животот.

Бенефиции за родителите и семејствата на децата со потешкотии

  • Родителите се повеќе охрабрени да ги праќаат своите деца во градинките
  • Имаат чувство на припадност во заедницата и можат да вршат други општествени улоги
  • Знаат дека децата се прифатени од страна на врсниците и заедницата во која живеат.

Семејството и градинката се две институции кои се во меѓусебна зависност во постигнувањето на целите во воспитно-образовниот процес. Без планска соработка тие не можат да ги исполнат своите воспитни задачи. Соработката не значи повремени случајни средби на родителите и вработените во градинката. Таа треба да биде плански насочен, долгорочен процес на заемни активности.

Имајќи ги во предвид целите и задачите што треба да се реализираат низ воспитно-образовната работа, сосема е нормално градинката да биде иницијатор, организатор, едукатор и планер на соработката меѓу неа и семејството.

Како најбитни цели во соработката на родителите и градинката можат да се издвојат создавањето поволни услови за да дојде до израз грижата на воспитувачите и на родителите за сестран когнитивен, емоционален, психомоторен развој на детето. Исто така потребно е да се воспостави однос на доверба меѓу родителот и вработените во градинката, релаксирана клима, партнерски однос и меѓусебно почитување. Сето ова ќе придонесе и за подобрување на квалитетот на животот на детето преку процесот на меѓусебно дополнување на градинката и семејството во воспитно-образовниот процес.