27 МАРТ- Светски ден на театарот

Љубителите и создавачите на театарската уметност, низ целиот свет, денес го одбележуваат Светскиот ден на театарот и по тој повод, пред изведување на претставите, ширум светот се читаат светската и националните пораки за значењето на театарот.

  Театарот е една од најпрекрасните форми на уметност која навлегува длабоко во нашата душа, анимира разлчни аспекти од нашиот ум и чувства. Нашиот народ е почитувач на театарската уметност, го негува култот кон театарот и штиците што живот значат. Затоа театарот треба да биде отворена врата за секоја нова генерација на театарски создавачи кои имаат за цел да го надградат и унапредат, отворена врата за сите храабри, авангардни и креативни идеи.

  Театарот е континуитет и мора постојано да се движи напред, треба да биде доследен на својата цел, да ги отвора вистинските прашања, да коментира, да просветлува, да возбудува, да открива, да го покренува духот и да воспоставува систем на вистински вредности, да бранува, да раздвижува, да гради високи естетски критериуми.

  Театарот претставува храм во кој се случува театарска претстава, од храмот секој посетител и љубител на театарската уметност заминува со подарок- магија, волшебство….со своја катарза.

   Затоа младите генерации уште од најраната возраст треба да навлезат во душата на театарската уметност која го менува нивниот живот во сите сегменти. Од тие причини во ЈДГОА „Срничка“ нашите најмили имаат можност многу често со задоволство да следат театарски претстави, затоа што тие ги едуцираат, забавуваат, ја развиваат нивната имагинација, создаваат емоционално расположение и ја зголемуваат нивната самодоверба. На тој начин насојуваме да го збогатиме и разубавиме животот на децата во градинката.

МОРКОВЧЕ

(монолог)

  Јас сум морковче, убаво портокалово морковче. Растев во зеленчуковата градина. Прво, бев ситно семче. Градинарот ме посеа во една леа. Еве од ова семче почна да расте моето тело, жиличките и лисјата. Деца, погледнете ги моите лисја! Колку се меки, нежни, убави. Личат на зелени, меки пердувчиња. Во леата со мене растеа многу мои братчиња и сестрички. Навечер ме успиваше тивкото ветре, а наутро на нашите лисја како бисерни се нижеа капки роса. Секој ден не грееше топлото сонце. Така секојдневно растевме и растевме…

  Една ноќ до мене дојде едно зајаче. Со носето ме намириса. Со нозете почна да го откопува моето тело. Леле! Колку многу се исплашив! Но зајакот нешто слушна и плашливо почна да бега. Така се спасив од зајко.

Кога пораснав доволно голем, дојде градинарот. Ме искорна, ме изми и ме однесе на пазар. Купувачите велеа: „Ова морковче е најубаво!“. На пазарот дојде и чичко Столе. Ме донесе овде во градинката. А сега да одам во кујната. Од мене ќе направат убава супа од морковчиња. Деца, сите да јадете супа од морковчиња. Од морковчињата децата се здрави, силни и брзо растат. А сега довидување! Довидување до ручек!