Ги славиме денот на трудот и велигденските празници

Воскресението Христово е настан кој му дава смисла на создавањето на овој свет. Православните христијани со неизмерна радост го очекуваат  големиот христијански празник Велигден. Нема поголема радост и восхит од онаа кога се празнува животот. На Велигден се разгласува радосната вест за воскресението Христово, па затоа овој ден треба да се слави и одбележува со спокој во душата, радост во срцето и насмевка на лицето. Христовата победа над смртта е победа којашто Синот Божји ја извојува за целокупното човештво и за сиот свет. Славењето на Велигден укажува дека ризницата на нашето духовно и национално богатство е богата и ја симболизираат верата и богатата македонска традиција која опстојува со векови.

Велигден е празник над празниците, затоа нека ни бидат светли празничните денови, да бидеме вистински искрени големи луѓе, верата да не обединува, а од нашите желби и мечти зависи светлината на утрешниот ден.

   Оваа година, со славењето на Велигден на 1 мај, исто така, ќе се одбележи и Денот на трудот кој е меѓународен празник и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.

Децата во градинката „Срничка“ достоинствено ги одбележаа овие два празника. Со пригодни стихови, текстови и ликовни творби ги потврдија елементарните знаења за Денот на трудот, а вапсањето и декорирање велигденски јајца кои се симбол на новиот живот и се неодминлив дел од Велигден и велигденските обичаи, децата го правеа вешто со голема љубов. Вапсувањето придружено со велигденски песни за нив е еден од најрадосните и најубави обичаи. На тој начин настојуваме да ги негуваме и пренесуваме обичаите и традицијата, кај децата да го вкорениме чувството на почит кон овој празник, децата празнични песни да пеат, во нивните очи сончеви огнови и љубов да тлеат.

СРЕЌНИ ВЕЛИГДЕНСКИ ПРАЗНИЦИ!

НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ ДЕНОТ НА ТРУДОТ!

ВЕЛИГДЕН

Иде убав празник                           

иде светол ден,

камбаните бијат –

иде Велигден.

Велигден е празник

пролетен и цветен,

радост тој му носи

на секое дете.

За Велигден морам

да ви кажам вака,

црвеното јајце

најмногу го сакам.

 ПРВИ МАЈ

Први мај е празник голем

што го слави сиот свет,

огреан од топло сонце

украсен со убав цвет.

Железничар, морнар, пилот

орач од далечен крај,

со радост го слават сите

празникот Први мај.