Совети кои ќе ви помогнат да го разберете емоционалниот развој на вашето дете

Голем е предизвикот да се разбере емоционалниот развој на вашето дете, тоа бара време и напор. Времето и грижата што ќе ги посветите за да го разберете емоционалното искуство на вашето дете, ќе послужат за да се развие во здрав возрасен човек. Иако понекогаш не го разбирате однесувањето на вашето дете, наместо погрешно толкување и донесување на избрзани заклучоци, корисно е дури и едноставно да се прашувате и да покажете љубопитност за значењето на однесувањето. Посветете време да ги препознаете квалитетите кои ги има вашето дете уште од самото раѓање, што го тера да се смее или плаче и што го мотивира или вознемирува. Родителството е многу повеќе од само обезбедување на удобност за децата. Емоционална поддршка и обезбедување на чувство на сигурност се есенцијални за психосоцијалниот развој на детето. Во наредните денови ќе споделиме со вас неколку совети кои ќе ви помогнат како подобро да го разберете однесувањето на вашето дете.

  • Еден од наједноставните но, воедно и многу ефективен начин да научите за она што го искусува вашето дете е внимателно набљудување. Покажете интерес за она што го кажува или прави вашето дете. Набљудувајте ги неговите активности, експресии и темперамент. Прашајте се што сака најмногу да прави вашето дете? Како реагира кога треба да направи нешто што не сака да го прави – јадење на одредена храна, подготовка за спиење и сл. Колку се дружељубиви? Дали сакаат да споделуваат работи со други, дали сакаат да пробуваат нови работи? Колку време му е потребно на вашето дете да се запознае со околината? Дали се приспособуваат на промени во околината? И најважно, не го просудувајте детето, едноставно само набљудувајте за да бидете свесни.