13. НОЕМВРИ – ДЕН НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ

Скопје е нашиот град во кој живееме и твориме, град со многу специфики, со богата култура и традиција кои го прават посебно место за уживање. Распослан на двата брега на реката Вардар, гордо лежи, а реката брзајќи со своите пенливи води раскажува за долговековното постоење и неговата крвава историја, за немилосрдните војни и природни катастрофи на кои тој секогаш им пркосел и гордо се издигал. Токму тука се испреплетени минатото и сегашноста, автентичното и современото…секое со свои белези и специфики. Исто така и повеќето споменици и спомен-плочи во градот, кои се немо исправени, сведочат за минатото кое не треба да се заборави. Раскажуваат за борците кои своите млади животи ги положија во крвавите војни и за да живееме денес во слободен и прекрасен град.  

  И оваа година, во чест на 13. Ноември, децата од градинката „Срничка“ со литературни текстови, песни и ликовни творби ја искажаа љубовта кон својот роден град, а децата од II – големата група од објектот „Изворче“ зедоа учество на манифестацијата „ГО ГРАДАМ МОЈОТ ГРАД – 2021“, која ја организира Детскиот културен центар – Карпош. Понесени од сопствените доживувања и љубовта кон родното катче децата изработија макета во која ги претставија убавините на својот град. Оваа манифестација, како и секогаш, има за цел да ги истакне детските творечки способности и детската креативност.

Поради новонастанатата состојба со ковид-пандемијата, манифестацијата  „Го градам мојот град 2021“, ќе биде реализирана во виртуелно издание, кое ќе биде поставено и ќе може да се види на Facebook- страницата и на YOU TUBE- каналот на Детскиот културен центар „Карпош“   

13 НОЕМВРИ

Ноемвриско утро светна, во нашиот град,

поздрав прати до секој стар и млад.

Скопје наше денес, роденденски се јави,

13 Ноември, тој ќе го слави.

Повардарец дувна, зашумоли Водно,

затрепери Матка и Скопско поле родно.

Скопје мое мило, убав граду мој,

нека ти е среќен, роденденот твој!