13. НОЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН НА ЉУБЕЗНОСТА

На овој ден, Денот на љубезноста, имаме можност да размислиме за своите досегашни постапки и да сфатиме дека многу често ја занемаруваме моќта на допирот, насмевката, искрениот и љубезен збор, а сите тие имаат потенцијал да го променат животот. Ние размислуваме премногу, а чувствуваме премалку. А денес, како што минува времето и светот од ден на ден се претвора во многу студено место за живеење, место каде што исчезна љубезноста сѐ повеќе ни треба хуманост отколку машинерии, повеќе ни треба љубезност и нежност отколку остроумие. Љубезноста е многу мал но моќен збор, кој во суштина има големо значење. Затоа на овој ден, за миг да заборавиме на грижите и да се насмевнеме, да упатиме некому топол љубезен збор, да го отвориме срцето и да бидеме причина за нечија насмевка, затоа што секој од нас поседува моќ да го направи светот поубаво место за живеење.

  Тргнувајќи од мотото „ Љубезноста во делата создава љубов“ ние, вработените во детската градинка „Срничка“, настојуваме, на децата уште од мали нозе во срцето да им ги напластиме највисоките човекови вредности, меѓу кои и љубезноста. И денес, преку едукативни текстови и игри, во чистата детска душа ќе ги разбудиме позитивните емоции, ќе поттикнеме емпатија и на тој начин ќе ја потврдиме мудроста – „Денес подари му насмевка и на лицето кое не го познаваш, тоа можеби е единствениот сончев зрак што ќе го огрее цел ден“.

„ТОПЛАТА НАСМЕВКА Е УНИВЕРЗАЛЕН ЈАЗИК НА ЉУБЕЗНОСТА“