Објект: ,, Калинка”
Птиците преселници ја делат истата планета со луѓето и тие се показатели за здрава планета и функционални екосистеми бидејќи нивната миграција ги поврзува континентите. Затоа е потребно здрава планета за птиците и луѓето, одржливо управување со природните ресурси, со секое дрво и секоја водена површина.
Птиците ги воодушевуваат луѓето со својата способност да прелетаат огромни далечини со беспрекорна прецизност, да се вивнат високо во синилото и да му пркосат на небото. А некои глетки ни го одземаат здивот, на пример, преселбата на јата жерави и штркови… Всушност, птиците се суштества кои симболизираат мир, спокој, слобода и со својата прекрасна песна и лет се олицетворение на грациозност и убавина. Тие ги збогатуваат страниците на шарените сликовници, ги освојуваат детсите срца и го прават детскиот свет волшебен …колку молчалива би била тишината без нивната песна, колку беден ќе биде светот на сказните без птицата феникс.
Како возрасните така и децата се запознаени со пролетната преселба на птиците, кога во нашите градовин и села се враќаат штрковите, славејчињата и ластовичките, а истите тие на есен си заминуваат во топлите краишта. Оваа миграција на птиците, како процес, се одвива секоја година и се должи на промената на климата со што условите во животната средина се менуваат.
На овој ден, 14 мај, СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПТИЦИТЕ ПРЕСЕЛНИЦИ, македонските еколошки друштва секоја година организираат настани(квизови, игри, креативни работилниици и набљудување птици) за да не потсетат кои се заканите со кои се соочуваат птиците преселници и која е нашата улога во нивната заштита.
И оваа година, во ЈДГОА „Срничка“ децата со голема љубов и емоции го прославуваат пристигнувањето на птиците преселници. Во големата група „Пеперутки“ во објектот „Калинка“, преку лепеза од интересни активности (приказната „Патувањето на штркот Симон“, ликовна активност, подвижна игра и квиз) кај децата се поттикна неизмерната љубов и грижа за птиците, затоа што тие не се само жители и на нашата татковина, тие се и нивни домашни миленичиња.
БАБО, КАДЕ СЕ ЛАСТОВИЧКИТЕ?
(литературен текст)
-Бабо, каде се ластовичките?
-Отпатуваа чедо.
-Каде?
-Некаде зад планините, зад морето. На југ. Каде сонцето грее појако.
Тажна е Билјана. Гнездото под стреата е празно.
-И малите ластовичиња ли одлетаа, бабо?
-Одлетаа внуче!
-А ќе издржат ли толку долг пат?
-Ќе издржат, Билјана. Мајка им цело лето ги учеше да летаат.
-Го нема и штркот бабо.
-Тој си отиде порано. Птиците бегаат од студот. Не научиле како да презимат.
-А врапчето бабо?
-Тоа останува. Тоа научило да живее и гладно и да се тресе од студ. А можеби и не може да лета долго!
-А ластовичките ќе знаат ли, пак, да се вратат?
-Ќе знаат, Билјана. Како одлетале, така ќе се вратат. Но за да се вратат треба да дојде пролетта.
– Ама е чудно бабо! – вели малата Билјана, а во главата и се ројат многу прашања за птиците, за есента, за јужните краишта, за зимата….