Птиците се инспиративни суштества кои симболизираат мир, спокој, слобода. Никој како нив не може да го заземе небото, со непромислен импулс, со хармоничен и величествен танц да се вивне во синилото. За да ја доживееме оваа убавина треба да бидеме дел од тишината. Птиците со својата песна и лет се олицетворение на слободата, на убавината…Колку молчалива ќе биде тишината без нивната песна, колку беден ќе биде светот на сказните без птицата феникс.
Сите сме запознаени со пролетната преселба на птиците, кога во нашите градовин и села се враќаат штркови, славејчиња и ластовички, а истите тие на есен си заминуваат во топлите краишта. Желбата за преселба на птиците е ѓенетски вроден нагон, како што е вроден и нагонот за размножување во пролет. Оваа миграција на птиците, како процес, се одвива секоја година и се должи на промената на климата со што условите во животната средина се менуваат.
СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПТИЦИТЕ ПРЕСЕЛНИЦИ е кампања која ги слави птиците преселници и повикува на нивна подобра заштита. Македонските еколошки друштва секоја година организираат настани за да не потсетат кои се заканите со кои се соочуваат птиците преселници и која е нашата улога во нивната заштита. На овој ден, 14 мај, со голема љубов го прославуваме пристигнувањето на птиците преселници затоа што и тие се жители и на нашата татковина. Птиците и луѓето ја делат истата планета, а со тоа и истите ресурси, затоа е потребно здрава планета за птиците и луѓето, одржливо управување со природните ресурси, со секое дрво и секоја водена површина.
Не смееме да го занемариме и фактот дека и кај најмладата популација – децата во градинките, кои се најверни пријатели на птиците, постојано, низ секојдневните активности, се поттикнува неизмерната љубов и грижа за птиците.
ПРЕД РАЗДЕЛБА
(литературен текст за птиците преселници)
ШТРКОТ: Е драги мои пријатели, поминаа убавите и топли денови. Еве веќе три дена како што кивам, никаков лек не ми помага. Мислам дека е време да се подготвам за далечното патување во јужните краишта.
СЛАВЕЈОТ: Да знаете само колку ми е мака што морам да го напуштам родниот крај. Ех, колку убаво си живеевме овде. Секој ден беше вистински празник.
ЛАСТОВИЧКАТА: Преку летото беше многу лесно да се најде црвче и мушичка и уште многу нешта за јадење. А сега…( со тажен глас), сè е свенато и пусто. Еве веќе неколку дена немам јадено ништо. Вчера со мајка ми долетавме до соседната шума, но и таму не најдовме ништо за јадење.
ШТРКОТ(кон славејот и ластовицата): Другари, предлагам пред нашето заминување пред нашите пријатели дечињата да ја испееме последната песна:
СЛАВЕЈОТ И ЛАСТОВИЦАТА: Се согласуваме! Сите зедно во еден глас да пееме!
СЛАВЕЈОТ: Збогум, крају мој роден, со тешко срце те напуштам. Добри деца, ве молам причувајте го моето гнездо, а јас ќе ве наградам, ќе ви се заблагодарам, со многу убави песни штом повторно ќе се видиме.
ЛАСТОВИЧКАТА: Ние сега заминуваме во топлите краишта, но тука кај вас остануваат нашите соседи, врапчињата, гулабот, чавката и сипката. Фрлете им по некоја трошка леб да не изумрат од глад.
ШТРКОТ: А сега догледање! Ќе се видиме напролет, а дотогаш многу успех во учењето и играта.