Меѓународниот ден на планетата Земја се одбележува секоја година на 22 април. Ширум светот се организираат разни манифестации и акции со цел да се сврти вниманието на јавноста за значењето на зачувување на животната средина и да се укаже на проблемите со кои се соочуваат природата и човекот, како и начинот на кој може да се подобри состојбата на животната средина.
Денот на планетата Земја овозможува секој жител на планетата да размисли за своето однесување кон земјата и да се потруди да придонесе таа да биде почиста и поубава, затоа што само здрава и чиста средина може да ни овозможи квалитетен живот. Затоа, со заеднички сили треба да работиме на подигање на свеста и одговорно однесување на секој поединец.
Денес, во градинката „Срничка“, во чест наДЕНОТ НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА, ќе настојуваме преку едукативни активности кај децата уште од најраната возраст да ја развиеме свеста за значењето и зачувувањето на зелените површини, дрвјата и нивното неизмерно значење за здравиот живот. Ќе се обидеме најмалите да ја разберат суштината на комплексното значење на поимот – екологија со сите нејзини придобивки и ќе вложуваме напори децата секојдневно да ги применуваат еколошките правила.
Децата знаат дека природата е наша заедничка мајка, таа нѐ создала сите нас, затоа тие испраќаат порака:
„ФАБРИЧКИ ОЏАЦИ ЗАПРЕТЕ, ЗА ВОЗДУХОТ ЧИСТ МИСЛЕТЕ“
„НА ДРВОТО СЕКОЈ ЗЕЛЕН ЛИСТ, НАМ НИ ДАВА ВОЗДУХ ЧИСТ“
„СО СЕКОЈ ЗАСАДЕН ЦВЕТ, ПОШАРЕН Е ОВОЈ СВЕТ“
„ОД ЧИСТАТА ПОЧВА СЕ ХРАНИМЕ, ОД ЗАГАДУВАЊЕ МОРА ДА ЈА БРАНИМЕ“
„ИЗВОРСКИТЕ ВОДИ, СВЕЖИ И БИСТРИ, ЗДРАВЈЕ НИ ЗНАЧАТ,
ДА ГИ ЧУВАМЕ ЧИСТИ“
ПРАЗНИК НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА
22 април е празничен ден,
на планетата Земја и е роденден!
Да ја чуваме, да ја сакаме силно,
да се однесуваме кон неа правилно!
Празник е на нашата планета,
секој ден за неа грижата да цвета.
Планетата Земја живот ни значи,
за неа љубов од срцето зрачи.