22 АПРИЛ – ДЕНОТ НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА

Меѓународниот ден на планетата Земја се одбележува за да се потсетиме сите, дека Земјата и нејзините природни убавини ни овозможуваат живот и добро здравје. Затоа овој ден ја поттикнува нашата одговорност и свест дека треба да се трудиме одговорно да ја чуваме, истата да остане чиста и здрава, затоа што немаме втор дом – немаме резервна планета. На овој ден ширум светот се организираат разни манифестации и акции со цел да се сврти вниманието на јавноста за значењето на зачувување на животната средина затоа што природната рамнотежа одамна е нарушена, се живее во сѐ позагадена животна средина, којашто човекот, како апсолутен господар на природата, немилосрдно ја деградира во полза на сопствената штета.

Грижата за природата е исклучително важна за нашето здравје и нашата иднина бидејќи само здравата и чиста животна средина може да ни овозможи квалитетен живот и затоа неопходно е секојдневно да се трудиме правилно да ги чуваме природните убавини во својата најблиска околина.

  Денот на планетата Земја овозможува секој жител на планетата да размисли за своето однесување кон Земјата и да се потруди да придонесе таа да биде почиста и поубава. Затоа, со заеднички сили треба да  работиме на подигање на свеста и одговорно однесување на секој поединец.    

Во нашата градинка „Срничка“, во чест наДЕНОТ НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА,  ќе се обидеме преку едукативни активности најмалите да ја разберат суштината на комплексното значењето на поимот – екологија со сите нејзини придобивки и ќе вложуваме напори децата секојдневно да ги применуваат еколошките правила. Во контекст на овие активности, а во соработка со компаниите ПАКОМАК и ТЕКСОМАК , во објектот „Чекорче“ се спроведе акција за собирање текстилен отпад(стара облека, ќебиња) наменет за рециклирање. Текстилот се собираше во специјални контејнери, поставени во дворот на градинката.

Мисијата и визијата на ТЕКСОМАК е да ја намали количината на текстилен отпад во Македонија преку промовирање на индивидуална и општествена одговорност и едукација за собирање, рециклирање и реупотреба на текстилен отпад. Нашата градинка како општествено одговорна институција ја поддржа оваа мисија со цел децата да знаат дека природата е наша заедничка мајка, нѐ создала сите нас, затоа неопходно е да ја чуваме, да не ја уништуваме.

22 АПРИЛ – ДЕН НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА

Чувај ја планетата Земја

како бисер на дланка,

не крши ја дете

зелената гранка.

Засади дрво во земјата мека,

не загадувај ја убавата река.

Отпадот селектирај го,

а потоа рециклирај го!

Ако не се грижиме сите,

тешко ќе ни минат дните.

Ајде на планетата да и помогнеме,

од уништување да ја спасиме!