Прославата на 30-годишниот јубилеј на градинката „Срничка“ беше ден за паметење, одбележан преку свечениот настан „ЅВЕЗДЕНА ОЛИМПИЈАДА“. Ден кога возбудата и среќата триумфираа, кога стотици детски срца се сплотија во едно, ден кој сведочеше дека неизмерната љубов и грижа на посветени професионални тимови кои просветлуваат мали умови ја разбуди страста кај секоја детска личност, а сето тоа се потврди низ мозаикот од волшебни детски подвижни игри.
Објектот „Бамби“ со својот настап го започна овој свечен настан, со точката „Македонско знаме“, децата од големите групи облечени со костими во етностил, проследено со современи музички ноти и детски движења го истакнаа македонското знаме – симбол на нашата татковина, нашиот идентитет, а со тоа ја потврдија љубовта кон татковината и стремежот за сплотеност и единство.
Во продолжение, децата од објектот „Калинка“ преку весели музички ноти со убави свечени детски костими и светкави мажуретки во впечатливи бои танцуваа и со сета своја позитивна енергија, многу емоции и динамични движења ја ширеа детската љубов.
Настапот на децата од објектите „Лале“ и „Изворче“ беше мошне впечатлив. Децата прво се претставија со точката „Танц со топки“, храбро и умешно со многу насмевки играа со пилатес топки и уживаа во ентузијазамот и радоста што ги носеа овие движења. Втората точка „Гимнастика“ претставуваше празник за сечие срце, девојчињата облечени во прекрасни костими, со флексибилни гимнастички вежби и со својата детска грациозност донесоа прекрасна енергија на сцената. За разлика од девојчињата, машките се претставија со спортската дисциплина „Карате“ која го потенцира вистинскиот борбен дух и им овозможува на децата да го зајакнуваат своето тело, дисциплина и да ја јакнат самодовербата.
Нашите мали тенисери од објектот „Црвенкапа“ кои настапија со точката „Тенис“, всушност, со голема точност, истрајност и неизмерна љубов прикажаа дел од спортските вештини од оваа дисциплина. Настапот беше вистинска игра на радост, тие блескаа како вистински ѕвезди. Додека, пак, со точката „Уметничко лизгање“ детската елеганција, музиката и движењето се сплотија во прекрасно уметничко дело.
Свечениот настан заврши со настапот на децата од објектот „Чекорче“, со точката „Пливање“, низ движењата полни со енергија и упорност децата потврдија дека водата може да стане нивниот најверен пријател, и на нас ни подарија радост и убавина. Со последната точка „Фудбал“ во која нашите мали фудбалери се внесоа со сета своја вештина и енергија го претставија фудбалот не само како спорт, туку и како пријателска забава.






















