„КОЈ ШТЕДИ – ТОЈ ИМА“
Во секојдневниот живот многу е важно да се пронајдат и континуирано да се практикуваат позитивни навики. Иако секој поединец има различни потреби и интереси, создавањето навика за штедење е полезно(корисно) за секоја општествена единка. Ако редовното одвојување одредена сума пари, во согласност со вашите можности го претворите во навика, во иднина ќе можете да ги остварите вашите долгопосакувани желби и да ги реализирате сите планови. Затоа, велиме дека еден од клучевите за успех во животот е и штедењето. Треба совесно и на време да се размислува и да се преземе одговорен пристап за планирање на својата иднина и иднината на семејството.
Затоа, во пресрет на Светскиот ден на штедењето, во нашата градинка „Срничка“, под мотото „ШТЕДАМ-МИСЛАМ НА СВОЈАТА ИДНИНА“, преку едукативни разговори се потсетивме колку е важно да се има финансиска сигурност во вид на заштеда. Преку секојдневните активности, преку дидактички игри настојувавме децата да стекнат елементарни познавања за суштината и вредноста на парите, да го учат процесот на штедење и да осознаат како да прават разумна инвестиција (да го ставаат секој денар во својата касичка). Децата треба да станат свесни за разликата меѓу потребите и желбите.
АЈДЕ ДА ШТЕДИМЕ
Денарче, пет, десет,
како златни ливчиња во есен,
така моите парички
паѓаат во детските касички.
Денес јас, утре бато
потоа мама и тато,
секој парички ми дава,
а јас во касичка ставам.
Да се штеди е умно,
не е тоа ништо чудно,
затоа и ти штеди,
фати се за работа, не седи!