8 СЕПТЕМВРИ – ДЕНOT НА НЕЗАВИСНОСТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

НЕКА Е ЧЕСТИТ И ВЕКОВИТ ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА!

8 Септември е празник на слободата, самостојноста и надежта. Празник што нѐ потсетува дека иднината е во нашите раце и дека најголемата сила на една држава е во нејзините граѓани. Овој ден е спомен на едно историско случување кога граѓаните покажаа исклучителна демократска зрелост и донесоа одлука да го трасираат патот кон создавање на сопствена суверена и стабилна држава.

На 8 септември 1991 година, граѓаните на Република Македонија на референдумот јасно ја изразија својата желба за самостојна и независна држава и го остварија својот долгогодишен стремеж за создавање нова страница во историјата на македонскиот народ. На овој празничен ден со гордост се сеќаваме на сите кои придонеле кон создавање и развој на нашата држава.

8 Септември секогаш нѐ потсетува дека татковината се сака со срце, се почитува со дела и се гради со заедничка сила.Овој празник не потсетува на предизвиците кои сме ги надминале, и ни дава сила и мудрост да продолжиме понатаму.

Како и секој значаен ден така и оваа година, децата од ЈДГОА „Срничка“ со пиетет го одбележаа овој голем празник. Преку различни содржини, адекватни за нивната возраст: едукативни раскази, стихови и песнички збогатени со ликовни содржини, кои се темелат на значењето на празникот, децата стекнаа елементарни знаења за својата прекрасна татковина – Македонија, како да ја сакаат, да ја чуваат, да ги негуваат и почитуваат нејзините историски вредности. Ние, воспитно-образовните тимови, се обидовме во нивната детска свест да ја вкорениме мислата дека треба да продолжат да чекорат по патот на заедништвото, љубовта и истрајноста, затоа што слободата наследена од поколенијата е најголема вредност, а единството најголема сила.

Децата се мали чувари на големите соништа – соништа за татковината во која секое дете ќе расте среќно, безгрижно и ќе се кали во граѓанин достоен за почит.

8 СЕПТЕМВРИ РОДЕНДЕН НА ТАТКОВИНАТА

Денес во градинка воспитувачката не праша:

Што е тоа татковина и колку таа се сака?

Се мислев, се мислев што да кажам,

пред другарчињата да не се срамам.

И тогаш силно викнав на глас:

Татковина сме сите ние, ти и јас!

Мојата татковина Македонија се вика,

за неа моето срце во радост блика.

Татковина е местото каде што сум роден,

тоа е местото каде што сите живееме сложно.

Со сѐ што имаме во неа се гордееме,

љубов ѝ даруваме толку – колку е можно!