Плачењето се јавува како нормална реакција во ситуации кои детето не може да ги реши. Децата плачат кога чувствуваат осаменост, страв, тага, болка, фрустрација, лутина, збунетост и кога не можат да ги изразат своите чувства. Која и да е причината, начинот на кој возрасниот ќе реагира на нивната состојба, ќе има влијание врз нивното понатамошно изразување на емоциите. Целта ни е да ја разбереме причината за плачењето, а детето да ги препознае и прифати сопствените емоции, а воедно и како да се справи со нив. Следниот пат кога ќе бидете во искушение да му кажете на детето „не плачи“, со смирен и мек тон на гласот пробајте една од следните интервенции:
- Јас сум тука да ти помогнам.
- Кога ќе се смириш кажи ми што се случи.
- Во ред е понекогаш и да си тажен и да плачеш.
- Те слушам.
- Знам, тоа беше тешка/нова/непозната ситуација за тебе.
- Ќе бидам во твоја близина за да ме најдеш ако ти требам.
- И секако, дајте му на детето неизмерно многу прегратки.