Еразмус + проект „Чекор поблиску до среќен училишен почеток”

Во рамките на Еразмус + проектот „Чекор поблиску до среќен училишен почеток”,во период од 08 – 15.10.2023 година беше реализирана мобилност во Болоња, Италија. Претставници од  ЈДГОА “Срничка” и ООУ “Браќа Миладиновци” зедоа активно учество на транснационалната обука организирана од страна на партнерот-провајдер на обуката: Академија за учење Еразмус+ (ELA – Erazmus Learning Academy).

Првиот ден од обуката беше посветен на вежби за градење тим, евалуација на потребите и очекувањата и презентации на образовните системи и програми во земјите учесници на обуката. Во текот на денот, учесниците следеа презентација на тема: Инклузивно образование во Европа: основни концепти и актуелна статистика. Од страна на обучувачите беа споделени позитивни практики на процесот “Oд интеграција до инклузија: придобивките од инклузивното образование”. На крајот на денот, учесниците ги споделија сопствените искуства и најдобри практики во работата со деца и ученици со потешкотии во учењето.

Вториот ден беше посветен на италијанскиот модел на инклузивно образование: како функционира и кои се неговите главни актери, алатки и пристапи. Учесниците се запознаа со Персонализираниот дидактички план и Инклузивниот годишен план. Во текот на следната сесија, беа вклучени во практична групна работа за изработка на инклузивни годишни планови. Потоа следуваше посета на локално училиште и дискусија со локалните наставници/педагози за предизвиците и најдобрите практики за вклучување на децата/учениците со посебни потреби.На крајот од денот, сите присутни учесници на обуката имаа можност одблиску да се запознаат со културата и историјата на прекрасната Болоња.Во текот на третиот ден, големо внимание се посвети на примената на методички педагошки пристапи и стекнување на практични вештини на едукаторите за креирање на инклузивна занимална/училница. Важноста на улогата на емпатијата во работата со ученици со посебни потреби беше презентирана преку видео презентации, по која следуваше практична работа во групи: “Во чевлите на нашите ученици”.

“Инклузивни наставни методи: нова перспектива на универзален дизајн за учење” беше темата на првата сесија од четвртиот ден во која се дискутираше за начините како да ги направиме ресурсите за учење подостапни, на кој начин да се диверзифицираат  наставните методи за да можат да се вклучат сите деца.

Обучувачите во текот на следната сесија, го презентираа моделот на Ко-настава, неговите главни пристапи и италијанското искуство. Потоа следуваше презентација на успешни студии на случаи во земјите, учесници на обуката.На крајот од денот следуваше посета на локално училиште кое работи со деца и родители со специфично шптреби  во учењето, по што следуваше и дискусија за наставните методи, алатки и пристапи кои се применуваат кај нив.

Последниот ден беше посветен на користење на ИКТ алатки и платформи за поддршка на процесот на учење на децата со посебни потреби. Следуваше практична работа на ИКТ алатки и презентации на учесниците на тема: “Работа со родители: предизвици, придобивки и најдобри практики за вклучување и комуникација со семејствата”.

За да инклузивното образование стане реалност, сите учесници споделија сопствени размислувања и идни чекори во своето професионално делување, на тема: ” Што можам да подобрам во моето училиште/градинка?