„Читаме, создаваме, размислуваме“ – обука за професионален развој на воспитно-образовниот кадар

Во насока на континуирано унапредување на професионалните компетенции и збогатување на воспитно-образовната практика, реализиравме обука на тема „Читаме, создаваме, размислуваме“, наменета за воспитувачите, стручните работници, раководителите и стручните соработници во нашата установа.

Обуката ја реализиравме во соработка со професорките од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, проф. д-р Весна Маашевска, од областа на Методиката на математиката, и Маја Рауниќ Кирков, од областа на Методиката на ликовното образование, како и со Ксенија Маказлиева Трајчева, писателка за деца и уредничка во издавачката куќа „Просветно дело“.

Преку стручни насоки, размена на искуства и креативни пристапи, учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења за значењето на книгата, читањето и творештвото во поттикнувањето на детското размислување, љубопитноста, креативноста и логичкото поврзување.

📖🎨 Обуката ја истакна важноста од интегрирање на литературата, математиката и ликовното творештво во секојдневните воспитно-образовни активности, со цел создавање поттикнувачка средина во која секое дете ќе има можност да истражува, да размислува, да создава и да ги развива своите потенцијали.

🙏 Упатуваме искрена благодарност до предавачите за споделеното знаење, професионалниот пристап и инспиративните идеи, како и до сите учесници за нивната посветеност и подготвеност за континуирано учење и унапредување на воспитно-образовната дејност.

Читаме за да откриваме, создаваме за да се изразуваме, размислуваме за да растеме! ❤️📚❤️