20. НОЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН НА ДЕТЕТО

Денес, на глобално ниво се одбележува Светскиот ден на детето, кој има за цел да го сврти вниманието на широката јавност за сите обврски кои општеството ги има кон децата, како и најважните проблеми со кои се соочуваат децата. Потребата од заштита на правата на децата произлегува од фактот дека тие претставуваат високоранлива општествена група која лесно може да биде изложена на злоупотреба, насилство и експлоатација.

  За жал, сé уште има деца кои живеат на работ на егзистенција, без доволно храна, без можност за образование и здравствена заштита. Токму затоа, не само 20. Ноември, туку секој ден треба да биде ден на детето. Светот мора да се обедини во подигање на свеста за детските права. Земјите мора суштински да ги зајакнат своите механизми за подобрување на благосостојбата на децата и да обезбедат подобри услови за живот. Само преку заеднички и координиран пристап ќе се создадат услови за безгрижно детство, за развој на квалитетно образование, со еден збор – услови за воспитување на идните градители на светот. Не смееме да заборавиме дека вложувањето во децата е вложување во иднината, тие имаат право да живеат во демократски хумано општество, да се воспитуваат и да учат, со цел да се надоградуваат и добро да се подготват за предизвиците во животот.

  Затоа, во пресрет на Светскиот ден на детето, во тесна соработка со Општината, со низа активности и во време на пандемија го одбележавме овој ден, а на тој начин ја потврдивме и огромната општествена одговорност што ја имаме кон нашите деца, нашето најголемо богатство. 

ПОРАКА

Ние децата-црни, жолти, бели,

праќаме порака итна

до луѓето од целиот свет,

атомски бомби,

тенкови и топови

не сакаме, не!

Градинки нови,

училишта, домови,

место нив градете,

повеќе храна,

играчки, книги,

на секое дете да му дадете!

Тогаш, чувствуваме,

светот ќе биде поличен, убав,

а во секое срце

ќе трепери среќа,

ќе цвета љубов.