8. ДЕКЕМВРИ – СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

  Осми декември се одбележува како Ден на свети Климент Охридски. Се слави делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот творец на Охридската книжевна школа и најпознатиот ученик на браќата Кирил и Методиј кој го продолжува нивното дело. Свети Климент е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог, кој со својата активност и со своето дело на повеќе полиња (црковно, просветно, книжевно) станал заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет. Меѓу другото, свети Климент Охридски е и најзначајната етичка личност во нашата историја. Покрај многуте етички пораки, тој ја искажал и моралната мисла „Тргај се од злото и прави добро!“. Таа порака и денес треба да биде основно начело на нашата етика која ќе не води по вистинскиот пат и ќе биде извор на сиот наш морал.

  Затоа, во градинката „Срничка“ со низа активности, приспособени на возраста на децата, го одбележавме овој ден, а на тој начин ја потврдивме и нашата голема благодарност кон овој просветител кој ги поставил темелите на словенската писменост и култура, а ние, генерациите што следат, одговорно ветуваме дека ќе ги негуваме јазикот и културата кои се најголемо богатство за еден народ.

СВЕТИ КЛИМЕНТ

Свети Климент – најголем учителу наш

од пред очи ни го растргна мракот

и на сите ни го покажа патот.

Ти благодариме што нé научи да пишуваме,

ќе те славиме со секој здив што го вдишуваме!