Денес е денот на шегата и смеата кој во најразлични земји од целиот свет, секоја година се слави на 1 април. Понекогаш го нарекуваат и денот на сите шегаџии. Први април не е национален празник, но секаде се прославува како ден кога многумина прават разни шеги, измислици, трикови, интересни и смешни досетки на членови од семејството, на пријателите, соседите, во училиштата, градинките …насекаде, сѐ со цел да се обидеме да останеме позитивни.
На денешен ден возрасните и децата сакаат да се маскираат, се облекуваат во карактеристични и вешто изработени маски и костими, кои имаат цел да насмеат и расположат. Денес секој може, само за миг да избега од реалноста, да ги канализира негативните чувства, да биде некој друг и со шега да ги насмее и развесели сите околу себе.
Бидејќи целта на празникот е ведро расположение и смеа, на овој ден никој не треба да се лути на шегата и лагата без разлика дали е на своја или на туѓа сметка.
Како и секоја година, така и оваа, во нашата градинка „Срничка“ скромно ќе го обележиме Денот на шегата. На децата ќе им го овозможиме задоволството да дојдат маскирани во градинка, каде со своите прекрасни костими и маски ќе продефилираат низ дворот и салата на градинката, која за нив е втор дом – оаза на мирот и спокојот. Притоа повеќето од нив ќе имаат можност да кажуваат свои шеги, досетки…создавајки весела, позитивна атмосфера. Со шаренилото од живописни костими и маски, всушност ќе ја закитиме градинката со ликовите на јунаците од цртаните филмови и приказните, а поголемите групи своите лични доживувања и впечатоци ќе ги пренесат во индивидуалните ликовни творби.
И оваа година на задоволството и среќата ќе им нема крај, во чистата детска душа ќе ги разбудиме позитивните емоции, емпатијата и фантазијата.
АПРИЛСКА ШЕГА
Чујте деца што се случи сега –
видов слон од глушец бега,
а лавот силен во солзи се гуши,
се исплаши од зајко со големи уши!
Во реката Вардар видов крокодил,
беше избегал од реката Нил,
имаше многу големи заби-
наеднаш лапна илјада жаби.
Верувале деца или не
за денес тоа не е сѐ,
денес е денот за секаква шега
ајде сите да се насмееме сега.
Априли – ли – ли, априли –ли – ли!
Кажи дете сега ти!