Другарче, еве ти една прекрасна сликовница или книга, таа ќе ти го разубави денот! Дали се радуваш? На крилјата од нејзините шарени страници ќе се запознаеш со многу јунаци од приказните, и многу впечатливи мили ликови кои детскиот свет ќе ти го разубават, ќе направат да се чувствуваш весел, среќен, да патуваш од една на друга планета, во светот на фантазијата, да се запознаеш со големи светски чуда. Сите ние децата, од книгата дознаваме што е добро а што лошо, само тоа го прави секој човек среќен, да се чувствува голем, слободен и богат. Затоа другарчиња велиме дека книгата е најверниот пријател на човекот.
Но, за една безвременска среќа на сите деца од целиот свет, уште од дамнина се појавиле запишувачи и пишувачи на приказни кои денес со едно име ги нарекуваме – ПИСАТЕЛИ. Меѓу нив е и најпознатиот писател за деца Ханс Кристијан Андерсен во чија чест, денот на неговиот роденден се зема за Светски ден за литературата за деца, со цел да се промовира љубовта кон книгата и да се нагласи нејзината важност.
Фантазијата во детските книги децата ги прави повеќе од среќни. Бајките се важни во раното детство затоа што тие ја стимулираат имагинацијата, а таа е поважна од знаењето, го опфаќа целиот свет, стимулира напредок, раѓа еволуција, расте љубопитноста во малите, умни детски глави..
Затоа, по повод одбележувањето на денешниот ден, дечињата од големата група од објект Чекорче заедно со воспитувач Сузан Тешева и негувател Кристина Цветановска ја посетија Градската Библиотека ,, Браќа Миладиновци’’ – подружница ,, Јане Сандански’’. Ние во градинката „Срничка“ имаме мисија, преку секојдневните активности, на најмалите да им ги доближиме јунаците од приказните, бидејќи тие го пленат и освојуваат детското срце. Децата јунаците ги доживуваат како свои најблиски пријатели и од секоја басна, сказна или бајка може да извлечат поука. Со секоја приказна, расказ, со секој превртена страница од сликовниците се трудиме да разбудиме пријатни емоции во нивната чиста детска душа, љубопитност во нивниот израз и желбата за нови знаења. Само така децата се среќни и задоволни а со тоа ја пренесуваме љубовта кон пишаниот збор. Исто така ги учиме и да имаат примерен однос кон книгите – да не ги шараат, да не ги оштетуваат, кинат или виткаат нивните страници…туку уредно да ги чуваат и да се грижат за нив.
Сите поети што пишуваат книги за деца имаат топла порака: „СЕКОГАШ И СЕКАДЕ ДРУГАРУВАЈТЕ СО КНИГАТА“
КНИГА ЗА ДЕЦА
Секое дете со книгата другарува,
секоја книга знаења и поуки дарува.
Во неа има илустрации, песни и сказни,
басни, бајки и омилени приказни.
Книгата е љубов, книгата е чудесен дар
во детскиот весел и шарен календар.
Со книгата брзо се расте секој ден,
животот без книга е безвреден!