Денес, на осми септември, се одбележува и се слави раѓањето и опстојувањето на нашата татковина – независна и суверена Република Северна Македонија. Денес е Денот на независноста, а тоа е вековниот стремеж на нашите предци, на многу генерации кои живееја со мислата за слободна и самостојна држава, независна и суверена татковина. Овој историски ден е симбол на одлучноста и непоколебливоста на нашиот народ да го оствари својот вековен стремеж. На 8 септември 1991 година, македонските граѓани покажаа исклучителна демократска зрелост и донесоа одлука со која сите се гордееме и со која го трасираме патот кој води кон прогрес и посветла иднина. Токму овој голем празник не потсетува на предизвиците кои сме ги надминале, но и ни дава сила и мудрост да продолжиме понатаму. Зато, гордо да ја кренеме главата – затоа што сме родени во земјата на честа и славата!
Денес, во нашата татковина трепери пулсот на животот. Македонија е една и единствена, силна и непокорна, таа е мајка на сончевината, на златните жита и многубројните виножита. За нејзе секој копнее и тлее, нејзиното име од сечија уста се лее…Таа е оаза на мирот, спокојот и вечноста…
И оваа година, децата од ЈДГОА „Срничка“ го одбележаа овој голем и значаен празник. Преку лепеза на соодветни активности, адекватни за нивната возраст: стихови и песнички збогатени со ликовни содржини, се обидовме децата да се стекнат со елементарни знаења за својата татковина, како да ја сакаат, да ја чуваат и почитуваат. И во нивните чисти детски срца ја втемеливме мислата дека треба цврсто и непоколебливо да продолжат по патот трасиран од своите предци, пат кој ќе им обезбеди посветла и подобра иднина.
Честит 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија!
РОДЕНДЕНСКА ПЕСНА
На 8 Септември
знамињата високо се веат,
во сите градови и села,
весели звуци ечат и се леат.
Македонијо наша мила
да ни бидеш вечна ТИ!
Во здравје, мир и слога,
да ни минат сите дни.
Објект: ,, Чекорче”
Возрасна група: од 4 до 5 години
Воспитувач: Ева Петровска
Негувател: Руска Неделковска