27 март– Светски ден на театарот

Секоја година на 27 март се одбележува Светскиот ден на театарот и по тој повод, пред изведување на претставите, ширум светот се читаат светската и националните пораки за значењето на театарот.

Театарот претставува храм во кој се случува театарска претстава, од храмот секој посетител и љубител на театарската уметност заминува со подарок- магија, волшебство….со своја катарза.

   Театарот е волшебна уметност која останува, опстојува и пркоси на просторот и времето, поддржува храбри, авангардни и креативни идеи. Да се прави театар значи да се фрли светлина на сцената од нашиот секојдневен живот. Театарот е отворена врата за секоја нова генерација која се стреми да се надградува, да открива…Затоа младите генерации уште од најраната возраст треба да се задојат со театарската уметност која го менува нивниот живот во сите сегменти. Комуникацијата, социјализацијата и културната едукација се само мал дел од она што ќе се вреже во чистиот детски дух, ќе се поттикне желбата за нешто ново и поинакво од дигиталниот свет.

Од тие причини во ЈДГОА „Срничка“ нашите мали јунаци имаат можност многу често со задоволство да следат театарски претстави подготвени и изведени од воспитниот тим , а до неодамна, пред пандемијата, и од познати детски подвижни театри кои ја посетуваа градинката. На тој начин насојуваме не само да го разубавиме и збогатиме животот на децата во градинката туку и да ја канализираме нивната нескротлива енергија, да ја разбудиме детската фантазија која ќе им отвори нови хоризонти и ќе им помогне да осознаат за нови вредности.

РАНОБУДНИЦИ

Драматизација

(учествуваат:Пчелката, Мравката, Пеперутката и Полжавот)

Пчелката: Здраво Пеперутке! Гледам си подранила….

Пеперутката: Време е за будење! Сонцето ме разбуди!

Пчелката: А мене ме разбуди Сонцето и мирисот на цвеќињата. Ме привлече тој чудесен мирис и затоа летнав од кошарата…

Пеперутката: И мене ме привлекоа цвеќињата. Жедна сум и сакам да се напијам сокче од цвеќињата.

Пчелката: А јас ќе се напијам и ќе направам малку мед. Знаеш, ние пчелките пиеме сок ама правиме и мед!

Мравката: Здраво пријателки!

Пчелката: Здраво Мравке!

Пеперутката: Честита пролет, Мравке!

Мравката: Благодарам! Гледам сте подраниле!?

Пчелката: Топло е, има цвеќиња, време е за работа!

Пеперутката: Време е за пролетни прошетки….

Пчелката: А ти, што си станала толку рано?

Мравката: Па да побарам некое семче, некоја трошка, да не седам така…

Полжавот: Здраво  на сите! Честита пролет!

Сите: Здраво Полжавко, си подранил!

Полжавот: Да подранив, ми се пријаде млада, сочна трева. Сакам да го исчистам стомакот….

Пчелката: Простете, немам време за седење, морам да барам цвеќиња. Работа ме чека, треба мед да се прави, поленов прав треба се собира….Ајде, здраво!

Сите: Здраво и среќно Пчелке!(Сите инсекти си заминуваат на своја страна)