7 Април – светски ден на здравјето

7 АПРИЛ– СВЕТСКИ ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО

Светскиот ден на здравјето е ден посветен на подигање на свеста за здравјето на луѓето ширум светот и потсетување на светските лидери за клучната улога што ја имаат здравствените работници во одржување на здравјето на целокупната светска популација.

За жал, од неодамна, светот се соочи со еден глобален проблем, предизвикан од немилосрдната пандемија која тивко и нечујно ги окова во пранги нашите животи. Здравствените работници со сиот свој капацитет и стручен потенцијал застанаа во првите борбени редови во битката со Ковид-19. Бидејќи нивната величествена мисија која се темели на Хипократовата заклетва е непоколебливо и храбро да се борат за сечиј живот, тие слават кога ќе ја постигнат највозвишената цел – да вратат нечија верба во животот, а тивко и длабоко тагуваат кога ќе ја изгубат битката…но и понатаму продолжуваат кон нов предизвик…

Затоа денес, секој што поседува морална свест упатува јавна благодарност до секој здравствен работник затоа што нивните дела се од непроценливо значење. Луѓето во белите мантили со деноноќниот труд и несебично вложувајќи го последниот атом сила се фатија во костец со ова зло борејќи се за нашите животи.

 На овој ден, децата и ние вработените од „ЈДГОА“ – Срничка, длабоко ви се поклонуваме и искрено ви се заблагодаруваме за вашата посветеност во оваа тешка битка. Преку едукативни активности ќе се потрудиме да ја поттикнеме свеста кај младите личности, во нивните чисти детски срца да всадиме чувство на хуманост, несебичност и една трајно вкоренета мисла дека во животот треба на секој да се помогне, здравјето е скапоцено, животот е еден и единствен.

БЛАГОДАРИМЕ ШТО ПОСТОИТЕ !!!