23 април- Светски ден на книгата

Што да се каже на овој ден, 23 април? Денес ги славиме книгата и книжевноста. Всушност, со секој прочитан ред, со секоја прочитана книга, го славиме читањето, ги славиме книжевните умови кои нашите животи ги прават побогати, посреќни.

   Книгата е животот на нашето време, таа е највредниот пронајдок на човековиот ум, феномен кој се поистоветува со потомците на цивилизацијата – човештвото. Книгата поседува исконска моќ, ги урива границите на просторот и времето, таа е непресушно богатство кое нѐ едуцира, ја шири културата и нѐ обединува. Потребата на човекот да ги запише духовните вредности на своето битие и време го условува постоењето на литературата, која денес е најголемото неуништливо богатство на секој народ и поединец.

Денес, повеќе од кога и да било, во време на пандемија, кога сме принудени да го ограничиме времето поминато со најблиските, моќта на книгата треба да се искористи во борбата против осаменоста. Ова е време кога и децата, уште од најраната возраст, треба да се поттикнат да се дружат со книгата, затоа што на крилјата од книгата, сликовницата, во тие непресушни богатства дефилираат ликови кои се вовлекуваат длабоко во детското срце и остануваат да господарат и да му откриваат безброј животни тајни.

Затоа ние во градинката „Срничка“ имаме мисија, преку секојдневните активности, да им ги доближиме приказните од сликовниците на најмалите, да ги доживеат како свои најблиски пријатели. Со секоја приказна, расказ, со секој прочитан збор кај нив се будат пријатни емоции, трепет во нивната чиста детска душа, љубопитност во нивниот израз и желба за нови знаења. Само така децата се среќни и задоволни а со тоа ја пренесуваме вдахновената љубов кон пишаниот збор.

Што би можеле повеќе да кажеме за моќта на книгата? Книгата никогаш не осудува, не расправа, таа е покрај нас и во најтешките времиња и мудро ни подава рака да излеземе од лавиринтите и хаосот на животот. И затоа сме им бескрајно должни на книгите. Без нив светот би бил темно и сиво место, а нашиот живот многу празен, без боја и магија.

 Среќен Светски ден на книгата, секој ден нека биде Ден на книгата!

КНИГА

Пеперутката од цвет

на цвет лета,

а книгата од дете

на дете шета.

Сѐ расне,

сѐ се шири и тече,

како мудросташто книгата ќе ти ја рече