Денес е Светски ден на пчелата. Се одбележува на 20 мај, денот кога во Словенија е роден Антон Јанша(1734 година), пионер на модерното пчеларство. На овој ден се потврдуваат заложбите за заштита на пчелите и развој на пчеларството, но и подигање на јавната свест за улогата на пчелите и другите опрашувачи , загрозеноста на нивниот опстанок и нивниот придонес за одржлив развој.
Пчелите се убави и многу полезни мали инсекти. Без нив најголем број растенија не би биле опрашени, што значи не би се размножувале. А тоа значи дека ќе нема доволно разновидна храна за сите жители на планетата Земја – почнувајќи од најмалиот инсект, преку домашните и дивите животни, па се до човекот. Пчелите играат незаменлива улога во природата, но малкумина знаат дека без нив животот на планетата Земја најверојатно би згаснал за 4 години. Тие се вистинско планетарно чудо, речиси најстарите жители на планетата Земја без кои нема живот.
Медот кој е целосно природен скапоцен производ од пчелите, луѓето го користеле во исхраната уште од најстарите времиња, кога немало лекари и болници како денес. Медот и другите пчелини производи ( матичен млеч, прополис, пчелин восок…) се чувари на нашето здравје, содржат минерали, витамини, ензими…многу значајни за правилен раст и развој на човечкото тело и многу лековити состојки кои се користат во медицината. Постојат многу докази кои откриваат дека човекот ги употребувал восокот и медот пред 10 000 години.
Ние, децата од градинката „Срничка“ секојдневно, низ активностите (ликовните творби, песничките, приказните…) другаруваме со пчелите, и долго размислуваме како да им се заблагодариме за нивната работа и грижата за нас и за нашата планета. Затоа, ајде да се обидеме да направиме нешто за нив, да им помогнеме! Можеме да бидеме еколози – да ги чуваме цвеќињата, да се грижиме за природата да не се загадува, да ги чуваме дрвјата – тие се нивните домови и извор на храна; кога ќе пораснеме да им помогнеме на пчеларите да одгледуваат што поголем број пчелни семејства…да се потрудиме на секој можен начин да им се заблагодариме на пчелите за сета добрина што ни ја прават нам и на нашата планета Земја.
ПЧЕЛА
Вредна пчела,
од цвет до цвет,
собира полен
и прави мед.
За да бидат децата
весели и здрави
колку може повеќе
таа мед ќе прави.