Денес е 1. Април – Денот на шегата, еден од најзбавните денови во годината. На овој ден , луѓето низ светот прават различни шеги, досетливи трикови, измислици, сé со цел да се насмеат и расположат. Бидејќи целта на празникот е среќа и смеење, на овој ден никој не треба да се лути на шегата и лагата без разлика дали е на своја или на туѓа сметка. Треба да се обидеме да останеме позитивни, со многу насмевки, барем за малку да заборавиме на грижите и обврските и да се препуштиме на смеата и забавата.
На денешен ден се маскираат и возрасните и децата. Највесело и под маски е во училиштата и градинките каде ќе дефилираат бројни интересни маски со експлозија од прекрасни бои. Денес секој може, барем за момент, да биде некој друг и со шега да ги насмее сите околу себе.
Како и секоја година, така и оваа и во нашата градинка „Срничка“ скромно ќе го обележиме Денот на шегата. И денес на најмалите ќе им овозможиме со задоволство да дојдат маскирани во градинката и да ја разубават средината со прекрасните костими и маски со ликовите на омилените јунаци од цртаните филмови и приказните. Така и оваа година задоволството и среќата со песна и игра ќе ги згреат детските срца.
АПРИЛСКА ПЕСНА
Ме излага, те излагав,
лагите ги славиме
слатко се насмеавме!
Ме излага, те излагав
и само што заминавме
грижите ги скинавме!
Ме излага, те излагав
кратко на минување
мил ден за шегување!
Ме излага, те излагав
со смеа се нагостивме
потоа си простивме!