Заблуди и Вистини за Вашето дете во градинка

Педагог: Маја Лозаноски

      1 Септември! Почна уште една воспитно-образовна година во детските градинки.

Поголеми за една година, со нови предизвици и нови одговорности.

Досега многу често ( да не кажам постојано) зборувавме за воспитниот кадар,

воспитните програми, условите во нашата Установа, презентации и обуки и се што

следи низ годината по однапред утврден редослед… многу коментари, позитивни и

негативни, се на се успешно завршена година.

       Но, сега сакам да погледнеме од друга страна, да ја погледнеме ,,улогата на

родителот’’ чие дете веќе престојува во градинката или улогата на родителот чие дете

за прв пат тргнува во неа, неговите сомнежи, заблуди и очекувања.

Сакам да Ви укажам дека на патот на осамостојувањето на децата постојат препреки

од кои повеќето родители се ,, сопнуваат’’. Тоа не е за осуда, но е помалку болно ако

знаеш за нив па се подготвуваш да ги прескокнеш.

Ништо не е потешко од тоа својот ,, центар на светот’’ да го вклопиш во еден мозаик од

еднакви делови – еднакво важни, еднакво убави, еднакво симпатични и харизматични.

Првиот мозаик во кој се вклопува детето, а и ние во улога на родител е градинката. И

самите ние како педагози, воспитувачи и негователи кога сме во улога на родител ,,

голтаме кнедли’’ кои ни се ,, служат топли’’ во првите денови од престојот во градинка.

…. МОЈОТ ЦЕЛ СВЕТ Ви го давам Вам учителке и јас замислувам што Вие таму

правите…..

Ете токму поради тоа сакам да посочам неколку сомнежи и заблуди со кои се

соочуваме во улогата на родител

Бр. 1

…. Хм… Убаво да те погледнам учителке! Зошто така гледаш? Зошто молчиш? Зошто

зборуваш? Зошто трепкаш? Се ова сега како родител ми е многу важно и сигурен сум

дека има врска со моето дете!

Вистина: Во најголем број на случаи расположението на учителката не може да се

процени за две минути додека позади вратата ја чекаат уште многу деца. Нема

потреба да ,, читате помеѓу редови’’, доколку има потреба ќе Ви биде кажано.

Бр. 2

…. Зошто така кратко ми кажа дека се е во ред? Сигурно за овие неколку саати се

случило нешто смешно, слатко или било што. Невозможно е дека не се случило! А јас

сакам се да знам, па јас сум му родител.

Вистина: Повеќето од децата си заминуваат дома во ист период од денот. Дваесеттина

деца по 3 минути=60 минути. Тоа е толку многу време да не им се посвети внимание

на другите деца. Се согласувате нели?

Побарајте индивидуален разговор доколку чувствувате потреба за деталите.

Бр.3

… Како не приметила дека маицата му е мокра, па од авион се гледа тоа!

Вистина:  Дваесет деца, четириесет рачиња, дваесет усти, четириесет обравчиња,

дваесет маички неспастрени и барем дваесет копчиња, десет девојчиња- десет

фризури, миење раце пред и после оброк ( за четири оброци=осум пати) + образовни

содржини и активности итн.

…. Мораат и можат они се да постигнат, па за тоа учеле!

Учете го детето(според возраста) да препознае и каже кога е испотено, мокро, да се

облече, намести, да го издува носето и не се потпирајте за се на две учителки и четири

раце. На учителките може нешто да им ,, избега’’ затоа што со професијата

воспитувач/неговател, не добиваат и супермоќи.

Бр.4

… На моето дете не му се спие во 12 часот, зошто мора да лежи? Едвај чекаат да ги

стават во кревет.

Вистина:  Некои од децата доаѓаат во градинка во 6-7 часот, стануваат многу рано и

нивните права се заштитени со утвдрдувањето на ритамот на дневните активности.

Секое дете доаѓа од дома со разни навики при јадење, играње, спиење. Градинката

има утврдено свој дневен распоред на активности. Нормално е дека детето ќе наиде

на потешкотии при неговата адаптација при навикнување на ,, куќниот ред на

градинката’’; но затоа сме тука ние и Вие драги родители да им ја олесниме таа

адаптација со наша взаемна толеранција и поддршка.

Бр.5

… Како не сте виделе кое прво почнало?! Зошто се сопналo и паднало?!

Вистина:  Не е возможно во потполност да се исконтролира однесувањето само на

едно дете, а каде се останатите. Ако бидете искрени ќе си признаете дека и дома во

тоа често не успевате. Учителките имаат само по две очи.

Бр.6

… Моето дете е поосетливо од другите и малку, само малку ми е поважно отколку на

другите родители да му посветите повеќе внимание од другите: да биде во прв ред при

сликање, да има поглавна улога во приредбите, при прошетка надвор да го држите за

рака и сл.

Вистина:  Сите ние знаеме за малите слатки стравувања при одвојувањето од топлото

семејно гнездо и тука во градинката ние сме за децата. За сите, а не само на децата

чиј родител има посебни барања. Секое од нив е посебно, поеднакво важно со другите,

ни помалку, ни повеќе. Сакате и настојувате да биде главно на приредба? А што ако

тоа не сака? Што ако тоа го црта најубавиот цртеж или најубаво пее, што ако најлесно

реди сложувалка, а не сака да црта.

Ние ги почитуваме нивните интереси, ги насочуваме и охрабруваме да се изразат

онаму каде што се чувствуаат најкомотно.

Бр.7

…Ете ова дете не му дава на моето дете да седне до него. Безобразно, невоспитано!

Ете тоа се трауми од детството. Сега моето дете ќе биде цел ден тажно, затоа и не ја

сака градинката. Страшно!

Вистина:  Децата имаат свое видување за другарството, меѓусебното почитување и

начин на комуникација. Тие сеуште учат за емоциите, туѓите и своите. Тука нема ,,

машни’’ во кои се виткаат сите негативни информации. Ако на детето во моментот

нешто му засмета, тие не се навредуваат туку одат понатаму и го бараат своето ,,

место под сонце’’. Добрата вест е нема лицемерие. Тоа не се трауми.

Бр.8

… Баш им е гајле во градинката примаат болни деца, убаво им е кога се присутни

помалку деца…

Вистина:  Учителките постојано ги молат родителите да не носат болни деца, но, многу

од докторите даваат ,, бланко’’ потврди ( без дата), па родителите сами ги пополнуваат

како им одговара.

При приемот на децата понекогаш тешко се приметува нивната состојба, тие се

опасност и за другите деца во групата. Учителките немаат супер имунитет, па ни

најмалку не се радуваат на вирусите.

Драги родители, ова се само неколку примери со кои сакаме да Ви помогнеме. Ние

сме Ваша поддршка, Вашата продолжена рака, Ваши пријатели, но сигурно не сме

супер херои.

Не очекуваме од Вас да бидете совршени, исто така и Вашите деца да бидат без

грешка. Нема ништо понормално од ,, збунет’’ родител и дете кои ги истражува

границите насекаде околу себе. Ние сме Ваши пријатели и од сите професии на светот

одбравме да работиме со деца, и наша најголема помош е РЕАЛЕН РОДИТЕЛ.

ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО ГРАДИНКА!