Светска недела на детето

  Секоја година, првата седмица од месец октомври им се посветува на децата. Всушност, Светската недела на детето e недела кога интензивно се зборува за правата на децата и овие денови нека бидат поттик за посериозно и попосветено продолжување со активностите за подобрување на состојбата со правата на децата. Вложувањето во децата е вложување во иднината, тие имаат право да живеат во демократски хумано општество, да се воспитуваат и да учат со цел да се надоградуваат и добро да се подготват за предизвиците во животот.

Во Декларацијата за правата на децата стои – „Човештвото им должи на децата сѐ најдобро што може да им се даде“, затоа да го направиме светот убаво место за живеење, само така детето ќе стекне многу добра. Ако детето живее со охрабрување, тоа ќе биде сигурно во себе; ако живее со искреност, ќе научи што е вистина; ако почувствува што е прифаќање, ќе знае да се сака; ако детето учи со споделување, тоа ќе научи да биде благородно; ако детето живее со сигурност, учи да има верба во себе и во оние околу него…

Ова се денови кога не смееме да заборавиме дека градинката е нивниот втор дом. Затоа, во рамките на Светската недела на детето, градинката „Срничка“ и во време на пандемија со низа активности ќе ја одбележи Неделата на детето. Ќе се одржи хуманитарен базар под мотото „МОЈОТ ТРУД- ИСКРА НАДЕЖ ЗА НЕКОЕ ДРУГАРЧЕ“, во кој најмалите и нивните родители ќе бидат вклучени во хумана мисија; ќе се одржи музичко-драмска претстава во природа ;„Писмото од кралот“; организирани се низа на едукативни и ликовни активности и игри преку кои ќе се поттикне и зајакне другарството, љубовта, меѓу децата ќе се создаде чувството на единство и сплотеност.

Децата се нашето најголемо богатство, нашата гордост и нашата иднина, светот останува на децата и треба да ги научиме да ги осознаат вистинските вредности на животот и да успеат во овој свет.

Најголемиот подарок што можеме да му го дадеме на едно дете се корените на одговорноста и крилјата на независноста.

ДЕТЕТО ИМА ПРАВО

Детето има право

на целата земјина шир,

да има безгрижно детство,

да расте во слога и мир.

Секое дете на светот

родено или ќе се роди,

има право да учи-

и редовно во училиште да оди.

Детето има право,

здрава вода да пие,

да не е гладно и босо,

навечер мирно да спие.