4 Октомври – Светски ден за заштита на животните

Денес е Светски ден за заштита на животните. Целта на овој ден е да обезбеди поддршка за поединци, групи и организации за заштита на животните. Сo развојот на цивилизацијата сѐ повеќе се развива и зајакнува свеста за заштита не само на луѓето туку и на животните коишто се дел од нашиот свет. Законите за заштита на животните кои се донесуваат во голем број земји во светот претставуваат гаранција за спречување на поединечни нехумани однесувања кон животните.

Животните имаат само една цел – слободно да живеат. Токму поради тоа треба да ги почитуваме, да не им наштетуваме и да не ги повредуваме.

Овој ден претставува повод за бројни организации во светот да предупредат за проблемите со кои животните се соочуваат денес, да ги поттикнат луѓето да размислуваат за својот однос кон животните и потребата тие да се почитуваат и заштитат да стане важно општествено прашање. Милиони животни се прогонуваат и убиваат, страдаат, умираат во кафези, циркуси, на синџири или напуштени гладуваат по улиците, тие се предмет на злоупотреба.

Светскиот ден на животните е можност за секој од нас да направи добро дело за животните од својата околина, затоа што и тие како и луѓето се дел од оваа планета и животот без нив би бил незамислив.

Затоа, на овој ден, во „ЈДГОА“ – Срничка, ќе се потрудиме преку едукативни активности да ја поттикнеме свеста кај младите личности, во нивните чисти детси срца да ја всадиме љубовта кон животните, чувство на хуманост, несебичност и желбата за чување и негување домашно милениче. Децата ги сакаат животните, а причината за тоа е голема. Тие ги учат на одговорност и им нудат една посебна забава, пријателство и безусловна чиста љубов.

Децата што растат со животни покажуваат повеќе емпатија, почит и љубов како кон луѓето така и кон животните. Тие деца ќе израснат во луѓе со чиста и отворена душа, без предрасуди и страв од природата и животните.

БЕГАЈ ЕЛЕНЧЕ

Бегај, бегај еленче,

ловецот е тука,

на тебе нишани,

на тебе ќе пука.

Скриј се, скриј се в грмушка

не мрдај и ќути,

тебе тој не те гледа

затоа се лути.