22 СЕПТЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ

Во еколошкиот календар 22 септември е запишан како СВЕТСКИ ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ. Автомобилите се најголемите загадувачи на воздухот. Тие испуштаат чад што е многу штетен за здравјето на луѓето и за целата природа. За да се заштити околината од штетните издувни гасови што ги испуштаат автомобилите, како и големата бучава што ја создаваат, сите треба да го избегнуваат превозот со нив.

Како дел од Европската недела на мобилност ширум светот се одбележува Светскиот ден без автомобили. Овој ден има цел да ја крене свесноста кај возрасните за зачувување на чиста, здрава и зелена животна средина, како и применување еколошки транспортни решенија (јавен транспорт, пешачење и велосипедизам). Одбележувањето на овој ден треба да ги поттикне граѓаните да замислат еден поинаков град кој ќе биде во функција на луѓето, а не на автомобилите.

Во склоп на Европската недела на мобилност, Детскиот културен центар „Карпош“ – Скопје, во соработка и поддршка од Град Скопје и Федерацијата за рекреативен спорт ќе ја организира манифестацијата под мотото „Движи се за здравје“. Манифестацијата ќе се одржи во Градскиот парк во која учество ќе земат 5 деца од голема група од ЈДГОА „Срничка“од објектот „Чекорче“ кои со себе ќе понесат тротинети и велосипеди. Манифестацијата ќе се одржи по сите протоколи за заштита од Ковид- 19, кои важат во дадениот момент.

Дечињата од другите возрасни групи во градинката „Срничка“ и оваа година ќе го одбележат Светскиот ден без автомобили со пригодни спортско-рекреативни активности, литературни – едукативни текстови, гатанки и ликовни творби. Малите екологисти ќе им упатат порака на возрасните со цел да ги остават автомобилите во своите гаражи и на паркинзите, да се качат на велосипед и така да стигнат до своето работно место.

ВОЗИ ВЕЛОСИПЕД ЗА ПОУБАВ СВЕТ!