21 СЕПТЕМВРИ – МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА МИРОТ

Денес светот се соочува со големи предизвици, воени конфликти, сиромаштија, нуклеарно оружје и други закани по безбедноста на човештвото. Но треба да имаме волја и начини да го надминеме сето ова, затоа што мирот на Земјата е гаранција за иднината. Мирот не е можен без голем дел од човечкото пријателство, разбирање и заемно почитување на луѓето со различни политички ставови, социјален статус, различна етничка или расна припадност. Предизвиците со кои се соочува светот – сиромаштијата, гладот, социјалната нееднаквост, деградација на животната средина, корупцијата и меѓуетничките конфликти се алармантни и повикуваат на соочување и нивно надминување.

Затоа денес, на 21 Септември – Меѓународниот ден на мирот, испраќаме апел до сите мирољубиви луѓе во светот за меѓусебно почитување и надминување на недоразбирањата, за промовирање на човековите права и слободи и за подобрување на условите за живот во мир и достоинство. Овој ден е посветен на борбата против омраза, предрасуди, насилство, национализам, култ кон оружјето и вооружен конфликт, како и на промоција на демократијата и подеднаков просперитет.

Овој ден е усвоен од Обединетите нации во 2001 година, како Меѓународен ден на ненасилство и прекин на огнот насекаде во светот. Затоа децата уште од мали нозе треба да се учат на почит кон вредностите и на толеранција. Кога целосно ќе се достигне почитувањето на човековите права и човечкото достоинство за сите луѓе, тогаш заеднички ќе изградиме мирен и одржлив свет. Големите и мудри луѓе велат: Мирот може да се постигне ако кај секој поединец ја отфрли потребата за сопственост, конкуренција, алчност и суета.

Затоа, на овој ден во градинката „Срничка“ ќе се потрудиме преку лепеза од различни едукативни активности да ја поттикнеме свеста на младите личности, во нивните чисти детси срца да го всадиме чувство и потребата за мир, слобода и еднаквост. Да ја втемелиме мислата дека сите деца треба безгрижно да живеат во оаза на мирот и спокојот, да се радуваат и да творат, да има напредок на науката, техниката, културата, да се создаде свет без омраза и крвави војни, затоа што мирот е детскиот сон и најважната вредност за човештвото.

ПОРАКА ЗА МИР

Мирот е сонце

зрак што грее,

војни да нема –

жито нека зрее!

Мирно да се живее

в село и в град,

да нема боси, жедни, да нема нигде глад!