5 Октомври – Светски ден на учителот

Во Детската недела има еден голем и значаен ден кој се празнува во целиот свет, тоа е 5 ОКТОМВРИ- ДЕНОТ НА УЧИТЕЛОТ. Има ли поблагородна професија во кое било општество од просветителството. Да се биде учител, воспитувач, наставник, професор е најубавата но воедно и најодговорна професија која бара многу посветеност и одрекување. Да бидеш учител, значи да бидеш исправен пред големи предизвици, да бидеш столб во градењето на една индивидуа и креатор на една млада личност со изградени морални вредности, доблест, почит, самодоверба, искреност и толеранција.

Љубовта кон знаењето што учителот им ја пренесува на учениците е клучна кон патот на знаењето што нема граници… Се што ќе научите од учителот – сите нови работи претставуваат безвременско задоволство и богатство што не може да ви биде одземено. Образованието ја негува самодовербата. Самодовербата ја негува надежта. Надежта го негува мирот. Образованието не претставува подготовка за живот, самото образование е живот.

Токму таа благородна мисија ја негува и воспитниот тим во градинката „Срничка“, кој со своето несебично работење, вложувајќи голем труд, напластува знаења и мудрости кај најмалите и им открива многу животни тајни. За учителот сите деца се исти, еднакви, на сите им подава рака, и затоа учителот од градинка најмног се сака.

Почитувани учители и просветители, нека ви е честит ДЕНОТ НА УЧИТЕЛОТ, и натаму останете посветени на вашата благородна мисија. Во време на вака отежнати околности со кои се соочуваме, уште позначајна е вашата улога. Успешно справувајте се со сите предизвици во процесот на воспитно-образовна работа и истрајте на патот во создавање генерации со високи интелектуални достигнувања кои ќе се залагаат за добросостојба на целото општество.

УЧИТЕЛКИ

Учителки, дали знаете колку сте ни драги,

колку во нашиот живот оставивте длабоки траги?

Вие сте како втора мајка што вечно се љуби.

Вие сте ѕвезда што никогаш сјајот не го губи!