7. АПРИЛ– СВЕТСКИ ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО

Најважно во животот и едно од најпосакуваните нешта е здравјето. Можеме да имаме многу освојувачк и завојувачки апетити, да се стремиме кон многу богатства но не смееме да заборавиме дека здравјето е неопходно, тоа е услов за остварување на човековите желби, извор на неговите сили, поттик за негово добро чувство и расположение.

   Денес е 7.Април- Светски ден на здравјето, ден кога во овие времиња на пандемија триумфира сознанието дека здравјето мора да се чува и да се негува и оти тоа е првата животна и етичка задача на секоја личност. Во овие тешки времиња на здравствена криза – здравствените работници сé уште се постојано во првите борбени редови, несебично борејќи се да го зачуваат здравјето на сите нас. Затоа, за нивната посветеност, несебичност и пожртвуваност им оддаваме длабока почит и искрено им се заблагодаруваме. Принципите на хуманост, несебичност и солидарност добија универзално значење и станаа принципи од кои зависи опстанокот на сите луѓе во светот.

   Затоа денес, во Градинката -„Срничка“ преку повеќе едукативни активности ќе се потрудиме кај децата да ја поттикнеме свеста за фактот дека здравјето е скапоцено за секој човек и кога имаме добро здравје можеме да го планираме сопствениот живот.

 Во чест на Светскиот ден на здравјето, Детскиот културен центар „Карпош“ ќе организира спортска манифестација – крос трка и штафетно трчање во која ќе учествуваат децата од градинките. Во оваа манифестација која ќе се одржи на тартан-патеката во Градскиот парк учество ќе земат и десет дечиња од голема група од објектот „Чекорче“.

ЧУВАЈТЕ ГО ЗДРАВЈЕТО, ТОА Е ВАШЕТО НАЈГОЛЕМО БОГАТСТВО!